ПРОЕКТИ - Историја на уметност

I. САКРАЛНИ ОБЈЕКТИ ВО МАКЕДОНИЈА

Траење на проектот:  1988 - 2000 година
Главен истражувач: д-р Димитар Ќорнаков, научен советник,
Членови на истражувачкиот тим: д-р Никола Митревски, научен советник, м-р Петрула Костовска, ас. истражувач, м-р Лилјана Китаноска, ас. истражувач, м-р Роза Топузовска-Кареска, ас. истражувач и м-р Атанас Атанасоски, ас. истражувач.

Цел на истражувањето:
Проучување на архитектура, фрескоживописот, иконопис, живопис и предметите во резба во сакралните објекти во Македонија од поствизантискиот период и Преродбата.

Објавени монографски студии:
Д. Ќорнаков, Манастирите во Македонија, Матица македонска, Скопје 2001
Д. Ќорнаков, Цркви и манастири во Тиквешијата, Матица македонска, Скопје 2001
Н. Митревски, Манастирот Слепче кај Прилеп, Матица македонска, Прилеп 2001

 

II. ЛИКОВНАТА УМЕТНОСТ ВО ПЕЛАГОНИЈА ОД ПАЃАЊЕТО ПОД ТУРСКА ВЛАСТ ДО БАЛКАНСКИТЕ ВОЈНИ

Траење на проектот: 2001 - 2003 година
Главен истражувач: д-р Никола Митревски, научен советник
Членови на истражувачкиот тим: м-р Роза Топузовска-Кареска, ас. истражувач и м-р Атанас Атанасоски, ас. истражувач.

Цел на истражувањето:
Многубројните споменици на црковната архитектура, фрескоживописот, иконописот и предметите од резбата создадени за време на османлиското ропство несомнено имаат значајна улога во настанувањето и развојот на националната култура и уметност кај нас. Имајќи во вид дека во нашата историографија  се уште не се направени целосни истражувања,  се наметна потребата за систематски истражувања и продлабочени проучувања со цел да се идентификуваат и верификуваат спомениците на ликовната уметност од доцновизантискиот период, и особено од времето на Преродбата на територијата на Пелагониската епархија од нејзиното паѓање под османлиска власт па сѐ до балканските војни..

Објавени монографски студии:
Н. Митревски, Споменици на фрескоживописот од XVI и XVII век во Демирхисарско, Матица македонска, Скопје 2009

 

III. СПОМЕНИЦИ НА ЅИДНОТО СЛИКАРСТВО ОД ПОСТВИЗАНТИСКИОТ ПЕРИОД ВО ПЕЛАГОНИСКАТА МИТРОПОЛИЈА

Траење на проектот: 2004 - 2006 година
Главен истражувач: д-р Никола Митревски, научен советник
Членови на истражувачкиот тим: м-р Атанас Атанасоски, ас. истражувач.

Цел на истражувањето:
Научноистражувачкиот проектот "Споменици на ѕидното сликарство од поствизантискиот период во Пелагониската митрополија" има за цел преку систематски истражувања и проучувања да се идентификуваат и верификуваат спомениците на ѕидното сликарство од поствизантискиот период во една од најстарите и најголемите митрополии на Охридската архиепископија - Пелагониската. Со оглед дека најголем дел од овие споменици во претходниот период не се истражени или пак се само  делумно истражени, денес се налага потребата од нивно систематско и целосно проучување и презентирање пред научната и поширокат јавност. Со исцрпното презентирање на целокупниот ликовен материјал и воспоставената хронологија ќе се заокружи ликовната топографија на средишниот дел на Македонија и ќе се отвараат нови перспективи да се согледа периодот од поствизантискиот период како едно од најбогатите подрачја на ликовното создавање во времето на османлиската власт не само во Македонија туку и во средишните делови на Балканот.

Објавени монографски студии:

Н. Митревски, Студии за живописот од Западна Македонија, Матица македонска, Скопје 2009;

Н. Митревски, Фрескоживописот во Пелагонија од средината на XV до крајот на XVII век, МАНУ, Фондација Трифун Костовски, Скопје 2009;

 

 

IV. СПОМЕНИЦИ НА ЅИДНОТО СЛИКАРСТВО ОД ВРЕМЕТО НА ПРЕРОДБАТА ВО ПЕЛАГОНИСКАТА МИТРОПОЛИЈА

Траење на проектот: 2009 - 2011 година
Главен истражувач: д-р Никола Митревски, научен советник
Членови на истражувачкиот тим: д-р Иван Заров, научен соработник и м-р Атанас Атанасоски, ас. истражувач.

Цел на истражувањето:
Имајќи во вид дека во нашата историографија  се уште не се направени целосни систематски истражувања и продлабочени проучувања на ѕидното сликарство од времето на Преродбата кое се јавува како некаква меѓа меѓу поствизантиската уметност и првите почетоци на македонската современа уметност, сметаме за неопходно да ја осветлиме уметничката активност  на територијата на Пелагониската митрополија - една од најстарите и најголемите митрополии на Охридската архиепископија на чија територија се евидентирани околу 216 споменици на ѕидното сликарство од времето на Преродбата. Откривањето на имињата на ктиторите и донаторите, учеството на локалните градители и зографи кои ги следат традициите на византиското градителство и сликарство како и проу£увањето на активноста на зографите на мијачката школа и крушевските работилници кои делувале на овој простор ќе овозможат со поголема сигурност да се утврди нивното место во поновата историја на македонската уметност. Резултатите од истражувањата ќе овозможат објективно толкување на развитокот на уметноста од времето на Преродбата и пишување на нови страници за историјата на културата и уметноста во оваа најголема митрополија на Охридската архиепископија.