ПРОЕКТИ - Етнологија и етногенеза

I. МАКЕДОНСКА НАРОДНА МИТОЛОГИЈА

Траење на проектот: 1992-1997 година

Главен истражувач  д-р Танас Вражиновски,

Соработници: м-р Љупчо Ристески, м-р Владимир Караџоски и Лола Симеска

Научниот проект Македонска народна митологија имаше за цел да се откријат проблемите на генезата на митолошките претстави, нивното место и улогата во дадениот религиозен систем, како и општественото условување на нивниот развој, функционирање и исчезнување, односно да се согледа современата состојба во областа на митологијата. Предметот на истражување  беше еден од позначајните области на народната култура - митологијата, која содржи група на верувања, односно митолошки ликови и претстави и поврзани со нив разновидни магиско - религиозни практики кои на своевиден начин овозможија да го откриеме народниот светоглед на историско-стадијалниот развиток на македонскиот етнос и неговата духовна култура.

Публикации:
Народна демонологија на Македонците, Редактор: Танас Вражиновски, Соработници: Владимир Караџоски, Љупчо Ристески, Лола Симеска. Институт за старословенска култура - Матица македонска, Скопје-Прилеп 1995, 157 стр.
Народна митологија на Македонците, Кн. I,Редактор: Танас Вражиновски, Соработници: Владимир Караџоски, Љупчо Ристески, Лола Симеска. Институт за старословенска култура - Матица Македонска, Скопје-Прилеп 1998, 351 стр.
Народна митологија на Македонците, Кн. II,Редактор: Танас Вражиновски, Соработници: Владимир Караџоски, Љупчо Ристески, Лола Симеска. Институт за старословенска култура - Матица Македонска, Скопје-Прилеп 1998, 323 стр.

II. РЕЧНИК НА МИТОВИ И НА НАРОДНАТА КУЛТУРА НА МАКЕДОНЦИТЕ

Траење на проектот: 1998-2000 година

Главен истражувач д-р Танас Вражиновски

Соработници: д-р Соња Зоговиќ, м-р Владимир Караџоски, м-р Соња Јовановска  

Овој проект претставува една завршна и заокружена целина која ги  опфаќа сите компоненти на митолошките, односно религиозно-христијанските  и фолклорните ликови и претстави на Македонците низ вековите. Во него се опфатени и историски ликови и настани кои нашле одраз во македонската народна култура и традиција. Во Речникот се застапени и собирачите и истражувачите, кои ја проучувале проблематиката на митологијата и на народната култура воопшто, како и други културни дејци: писатели, поети, уметници, кои во митологијата и фолклорот нашле своја инспирација.

Публикации:
Речник на народната митологија на Македонците, Редактор: Танас Вражиновски, Подготвија: Танас Вражиновски, Соња Зоговиќ, Владимир Караџоски, Соња Јовановска, Билјана Ристовска-Јосифовска, Институт за старословенска култура - Матица Македонска, Скопје-Прилеп 2000, 471 стр.

III. ЈОЗЕФ ОБРЕМБСКИ - ЕДЕН ОД НАЈИСТАКНАТИТЕ СТРАНСКИ ИСТРАЖУВАЧИ НА НАРОДНАТА КУЛТУРА НА МАКЕДОНЦИТЕ

Траење на проектот: 2001-2003 година

Главен истражувач д-р Танас Вражиновски,

Соработници: м-р Владимир Караџоски, м-р Соња Јовановска

Јозеф Обрембски  е познат полски и американски етнолог и социолог, предавач и професор на повеќе универзитети во Полска и во Америка.
Поддржан од еден од најпознатите, во меѓувоениот период, етнолози и социолози од Лондонскиот универзитет, професорот Бронислав Малиновски и К. Мошињски, Ј. Обрембски добил стипендија од фондацијата Рокфелер и во годините 1932-1933 престојувал на теренски истражувања во Македонија.
За македонската наука, посебно за етнологијата и фолклористиката, како и социологијата, овој проект беше од посебно значење. Покрај етнографскиот и фолклорниот материјал, тој собирал и материјали, меѓу другото, срзани и со проблематиката на етногенезата на Македонците. Ги набљудувал процесите на раѓањето на националната свест кај нив. Тој сметал дека Македонците се одделен народ, кој е подложен на српски, бугарски и грчки влијанија. Исто така, посебен интерес кај него предизвикал начинот на кој религијата, а особено магијата влијаеле врз создавањето на групната збиеност на традиционалната селска општественост. Бара релации меѓу обредните дејствувања и општествената структура на групата. Ја потврдува неусогласеноста помеѓу улогата на жената и на мажот во обредите и нивните позиции во световната структура на групата. Ги истражува мошне детално функциите на бајачките и маѓепсниците, како и магијата, воопшто.
Реализацијата на овој проект подразбираше: подготовка и публикации на теренските истражувања, етносоцилошки студии, како и албум од неговите фотографии собирани на терен во Македонија во времето 1932-1933 година. 

 
Публикации:
Јозеф Обрембски, Фолклорни и етнографски материјали од Порече, Кн. I, Редактор: Танас Вражиновски, Подготвија: Танас Вражиновски, Соња Јовановска, Владимир Караџоски, Институт за старословенска култура - Матица Македонска, Скопје-Прилеп 2001 471 стр. 232.
Јозеф Обрембски, Етносоциолошки студии, Кн. II, Редакција и превод од полски јазикТанас Вражиновски, Матица Македонска, Скопје 2001, 278 стр.
Јозеф Обрембски, Етносоциолошки студии, Кн. III, Редакција и превод од полски јазикТанас Вражиновски, Соработник и превод од англиски јазик Лилјана Гушевска, Институт за старословенска култура - Матица Македонска, Скопје-Прилеп 2002, 148 стр.
Јозеф Обрембски, Порече 1932-1933. Главен и одговорен уредник танас Вражиновски, Удедници Ана Енгелкинг, Џоел М. Халперн, Институт за старословенска култура - Матица Македонска, Скопје-Прилеп 2003, 210 стр.
Зборник, 70 години од истражувањата на Јозеф Обрембски во Порече, Р. Македонија, Меѓународен научен собир, Самоков, 14-16 септември 2001, Прилеп
Јозеф Обрембски-значаен истражувач на народната култура на Македонците, Подготвија: Танас Вражиновски, Владимир Караџоски и Соња Јовановска -Ризоска, Матица Македонска, Скопје 2006, 266 стр.

IV. ПЕКОЛОТ И РАЈОТ ВО МАКЕДОНСКАТА И АЛБАНСКАТА НАРОДНА КУЛТУРА

Траење на проектот: 2004-2006 година

Главен истражувач: д-р Танас Вражиновски до април 2006 год.

Главен истражувач од мај 2006 год. до крајот на проектот д-р Владимир Караџоски

Соработници: д-р Соња Ризоска-Јовановска, 

Надворешен соработник: проф. д-р Хамид Џафери

Основната цел на проектот Пеколот и рајот во македонската и албанската народна култура  беше  преку теренски и теоретски истражувања да се дојде до веродостојни и автентични материјали сврзани со народните погледи и народните верувања кај Македонците и Албанците за пеколот и рајот, тоа значи на припадници на две различни религии, за нивните разлики и сличности, за  народна филозофија, за времениот живот на човекот на земјата, односно за смислата на животот, кој според народните верувања, е во достигнувањето на бесмртноста. Според тоа, анализата на проектот е насочена да се претстави, не само народниот светоглед во однос на човековиот живот туку и влијанието на религискиот систем врз целокупното верување, мислење и однесување на луѓето на нашето културно милје. Бесмртноста осигурува безгрешен, чесен и благороден живот на земјата, кој води кон рајот, а во спротивност грешноста и нечесноста водат кон пеколот.

Публикации:

V. УЛОГАТА НА МАЖОТ И ЖЕНАТА ВО ХРИСТИЈАНСКАТА И МУСЛИМАНСКАТА НАРОДНА ТРАДИЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА

Траење на проектот: 2004-2006 година

Главен истражувач: д-р Соња Ризоска-Јовановска,

Соработници: д-р Танас Вражиновски,  д-р Владимир Караџоски

Полот бил и останал централен проблем во човековото постоење во сите познати религии. Тој е точката на  пресекот меѓу двата света во човечкиот организам. Машкиот и женскиот пол фигурираат во народната религија како пар на спротивставени поими, што повлекува нивното проучување да биде заедничко и неделиво. Затоа почетното истражување на оваа проблематика се движи во насока кон откривање и проследување на специфичните моменти, преку кои можеме да ја согледаме улогата, како и статусот и местото кои ја имаат мажот и жената, помеѓу традиционалниот модел на однесување и процесот на модернизација. Во согласност со тоа, предмет на овој проект е истражувањето на народните верувања и претстави, како и социјалните односи и обредните активности кај Македонците со православна и исламска вероиповед, Албанците, Турците, Србите, што значи на припадниците на две различни религии, христијанската и исламската, во кои ќе бидат опфатени сите сличности, разлики, допирни точки и преклопувања.

VI. ЕТНОКУЛТУРЕН ИДЕНТИТЕТ: МАКЕДОНЦИТЕ ВО ХРВАТСКА И ХРВАТИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА: СОСТОЈБА И ПЕРСПЕКТИВА


(меѓународен проект помеѓу Институтот за старословенска култура - Прилеп, Р Македонија и Институтот за Антропологија – Загреб, Р Хрватска)

 

Траење на проектот: 2007-2008 година

Главен истражувач од македонска страна: др Соња Ризоска Јовановска, учесници: д-р Соња Зоговиќ, др Љупчо Ристески, др. Мирјана Мирчевска и м-р Јелена Цветановска

Главен истражувач од хрватска страна: Анита Сулојџиќ, Павао Рудан, Лана Петернел, Ана Периниќ

 

VII. НАРОДНАТА МЕДИЦИНА КАЈ МАКЕДОНЦИТЕ (ТРАДИЦИЈА И СОВРЕМЕНОСТ)

Траење на проектот: 2009-2011 година


Главен  истражувач: д-р Владимир Караџоски


Соработник: д-р Ели Милошеска, д-р Јелена Андреевска


Надворешен соработник-експерт
: д-р Танас Вражиновски

Предмет на нашето истражување ќе биде една од позначајните области на народната култура кај Македонците, народната медицина, нејзината традиционална и современа пракса.
Здравјето за народот во Македонија не претставува само физичка благосостојба, туку и високо општествено самочувство кое произлегува од свеста за сопствената вредност и позитивните оценки на околината. Да се биде здрав и силен, тоа значи да се биде способен за секојдневен физичи и психички напор и работа. Тоа е амбицијата на секој човек во Македонија.
Целта на овој научно-истражувачки проект е да ги истражи, евидентира, проучи, анализира и претстави народните обичаи, верувања и традиционалните дејства поврзани со здравјето на луѓето и различните видови на заштита и лечење, а кои и денес егзистираат не само во селските, туку и во некои развиени урбани македонски средини.