ДОСЕГАШНИ АРХЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА

Во периодот од оснивањето до 2003 година, во рамките на археолошкото одделение при Институтот за старослвоенска култура-Прилеп се реализирани голем број научноистражувачки проекти, од кои значителен дел претставуваат најдиректно продолжение на археолошките истражувачки  активности реализирани во рамките на Народниот музеј од Прилеп во времето од 1955 до 1979 година.

При реализацијата на научно истражувачките проекти, покрај археолози со стручни, соработнички и научни звања од Институтот за старословенска култура - Прилеп, беа вклучени и археолози од голем број други институции, како на пр. Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, Институтот за материјална култура од Варшава, Институтот за историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факултет од Скопје, Полските конзерваторски заводи од Варшава, Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата од Скопје и др.

Во понатамошниот текст ги презентираме елементарните податоци за дел од позначајните научноистражувачки проекти реализирани во рамките на археолошкото одделение при  Институтот за старословенска култура - Прилеп.

 

I. СРЕДНОВЕКОВЕН ПРИЛЕП (РАНОСРЕДНОВЕКОВНИ СЛОВЕНСКИ НАСЕЛБИ, НАСТАНУВАЊЕ И РАЗВОЈ НА ГРАДСКАТА НАСЕЛБА И ТВРДИНАТА МАРКОВИ КУЛИ)

Научноистражувачкиот проект се реализираше во периодот од 1980 до 1992 г. и претставува најдиректно подолжување на претходните истражувања (1955-1979 г.) на просторот од средновековниот Прилеп. Главни истражувачи: д-р Бошко Бабиќ и  д-р Тадеуш Полак.

Како резултат на обемните теренски истражувања во рамките на овој проект на просторот од археолошкиот комплекс "Маркови Кули", Варош-Прилеп беа откриени голем број материјални остатоци од средновековниот Прилеп, при што беше извршено нивно прецизно културно и хронолошко детерминирање.

Покрај тоа, на истражуваниот простор беа откриени и значителен број артефакти од праисторијата, како и раната и доцната антика.

 

II. ПРВИТЕ СЛОВЕНСКИ НАСЕЛБИ НА БАЛКАНОТ ВО СВЕТЛИНАТА НА АРХЕОЛОШКИТЕ ИСТРАЖУВАЊА НА ЛОКАЛИТЕТОТ "ГРАДИШТЕ" КАЈ СЕЛОТО ДЕБРЕШТЕ

Научноистражувачкиот проект се реализираше во времето од 1989 до 1990 г., и претставува најдиректно продолжение на пораните истражувања на овој локалитет од 1966 до 1979 г. Главни истражувачи: д-р Бошко Бабиќ и академик Витолд Хенсел.

Со систематските теренски истражувања на археолошкиот локалитет "Градиште" кај селото Дебреште, лоциран 25 км западно од Прилеп, беа откриени материјални остатоци од праисторијата, антиката и средниот век, меѓу кои особено значење имаат наодите од рановизантиската тврдина (фортификација, сакрален комплекс, станбени градби, стопански објекти и др.), како и делови од рано и полно средновековната населба (цркви, некрополи, живеалишни, стопански и јавни градби и др.).

 

III. КАРАКТЕРИСТИКИ И СПЕЦИФИЧНОСТИ НА КУЛТУРАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ СЛОВЕНИ ОД ДОСЕЛУВАЊЕТО ДО КРАЈОТ НА XIV ВЕК ВО СВЕТЛИНАТА НА АРХЕОЛОШКАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА

Научноистражувачкиот проект се реализираше во периодот од 1980 до 1990 г. Главен истражувач  д-р Бошко Бабиќ.

Фундаментален проект од областа на средновековната археологија, каде преку мултидисциплинарни, главно кабинетски истражувања беше направен обид да се проследи развитокот на материјалната култура во времето од VI/VII до XIV век на територијата на Република Македонија. При тоа, компаративно беа користени голем број синхрони наоди откриени на просторите од Балканскиот Полуостров, како и од источните западните и централните делови од Европа.

 

IV. РАНОСРЕДНОВЕКОВНИ НАСЕЛБИ И НЕКРОПОЛИ ВО МАКЕДОНИЈА ОД VI/VII ДО VIII ВЕК

Научноистражувачкиот проект, реализиран во соработка со Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата-Скопје се реализираше во времето од 1986 до 1990 г. Главни истражувачи: д-р Бошко Бабиќ и д-р Живојин Винчиќ.

Теренските истражувања во рамките на овој проект овозможија да се откријат остатоци од значителен број населби и некрополи од VI/VII до VIII век на територијата на Република Македонија ("Бурлатица", с. Виничани, "Зајчев Рид", с. Злокуќани, "Градиште", с. Дебреште и др.), при што беше извршено попрецизно културно-хронолошко детерминирање на откриените наоди како основа за проучувањето на раносредновековната материјална култура во централните делови од Балканскиот Полуостров.

 

V. КУЛТУРНО-ЛИКОВНО МИНАТО НА МАРИОВО

Научноистражувачкиот проект се реализираше во рамките на Институтот за старословенска култура во времето од 1989 до 1991 г., додека од 1992 до 1996г.  се реализираше во Музеј на Македонија, Скопје. Главни истражувачи: проф. д-р Петар Миљковиќ - Пепек и д-р Бранислав Ристески.

Теренските и кабинетските истражувања во рамките на овој проект овозможија да се проследи во основни црти развитокот на материјалната култура во регионот Мариово во времето од IV до XIV век со тоа што обемните археолошки ископувања беа концентрирани на локалитетите "Градот - Маркови Кули", с. Манастир, "Св. Никола", с. Манастир, "Св. Андонија", "Св. Георгија", "Св. Спаса" и "Св. Димитрија", с. Градешница, "Пешта", с. Старавина и др.

 

VI. МАТЕРИЈАЛНАТА КУЛТУРА НА НАРОДИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА - ПРВИТЕ СТАРОХРИСТИЈАНСКИ И СЛОВЕНСКИ ЦРКОВНИ ЦЕНТРИ ВО МАКЕДОНИЈА

Научноистражувачкиот проект се реализираше во времето од 1997 до 1999 г. Главен истражувач академик Блага Алексова.

Преку истржувањатана на голем број рановизантиски и средновековни археолошки локалитети во Република Македонија, беше направен обид да се идентификуваат најстарите старохристијански и словенски црковни центри, како прилог кон историјата на христијанската црква на територијата на Балканскиот Полуостров.

 

VII. УБИКАЦИЈА НА СРЕДНОВЕКОВНА БИТОЛА (VII - XIV ВЕК)

Научноистражувачкиот проект се реализираше во периодот од 2000 до 2003 г. во соработка со Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј, Битола. Главен истражувач  д-р Томе Јанкиевски.

Теренските истражувања во средишните делови од Пелагонија, како и опстојната анализа на откриените наоди овозможија со голема веројатност да се идентификуваат остатоците од доцносредновековниот град Битола, несомнено распространет во средишниот и јужниот дел од денешната градска населба.

 

VIII. ДОЦНОАНТИЧКИ И СРЕДНОВЕКОВНИ НАСЕЛБИ ВО СЕВЕРНА ПЕЛАГОНИЈА

Научноистражувачкиот проект се реализираше во периодот од 2003 до 2005 година во соработка со Катедрата за археологија при Универзитетот во Стокхолм. Главен истражувач д-р Бранислав Ристески.

Ревизионите археолошки истражувања, базирани врз сеопфатна анализа на резултатите од досегашните проучувања средновековните населби во Република Македонија, овозможија да се изјаснат основните етапи во развитокот на доцноантичките и средновековните населби во северна Пелагонија.

 

IX. СИСТЕМАТСКИ АРХЕОЛОШКИ ИСТАЖУВАЊА НА КУЛТУРНИОТ КОМПЛЕКС СВ. ПРЕОБРАЖЕНИЕ, С. ЗРЗЕ

Научноистражувачкиот проект се реализираше во 2008 и 2009 година во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Прилеп, финансиран преку Управата за заштита на културното наследство-орган на Министерството за култура на Република Македонија. Главен истражувач д-р Бранислав Ристески.

Теренските археолошки истражувања на културниот комплекс Св. Преображение, с. Зрзе овозможија да се откиријат материјални остатоци од старохристијански црковен комплекс (последни децении на IV до крајот на VI век), делумно користен и во средниот век, како и во целост да се истражат остатоците од средновековна монашка населба, датирана во времето од доцниот IX до крајот на XV век.