д-р Крстеска Виолета - научен советник

ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ
Презиме и име: Крстеска Виолета
Датум и место на раѓање: 07.08.1955, Прилеп
Држава: Р. Македонија
Адреса и телефон: ул.Никола Вапцаров, 17а,
Тел. раб. : ++  389 ( 0) 48 412 715
Моб.: ++ 389 ( 0) 77 

Образование:
Универзитет"Св.Кирил и Методиј"-Скопје, Филолошки факултет, дипломиран филолог по македонистика, 1980година.
Универзитет"Св.Кирил и Методиј"-Скопје, Филолошки факултет, магистер по филолошки науки (македонистика), 1996 година; Назив на тема:Трескавечки грамоти-лингвистичка анализа
Универзитет"Св.Кирил и Методиј"-Скопје, Филолошки факултет , доктор по филолошки науки (македонистика), 2005 година; Назив на тема: Зборникот од поученија (во корелација со други македонски текстови, пишувани со грчки алфабет)

Вработување:
Назив на институција: Институт за старословенска култура-Прилеп
Движење во службата:
Помлад асистент 1992 - 1996 година
Асистент-истражувач 1996 - 2005 година
Научен соработник 2005 - 2009 година
Виш научен соработник 2009 година
Научен советник: 2013 година

Научноистражувачки идентитет:
Научно поле: Хуманистички науки
Научно подрачје: Наука за јазикот (лингвистика)
Научна област: Македонистика
Потесна специјалност:Историја на македонскиот јазик

Членство во:
Комисија за меѓународна соработка при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола: 2006 – 2010 година
Комисија за наставно - научни прашања при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола: 2010 – 2013 година
Редакциски одбор на списанието Balcanoslavica, ИСК-Прилеп

Како научен работник од подрачјето на науката за јазикот, односно областа македонистика, интересот, дејноста и целта на Крстеска се насочени кон изучување и спознавање на фазите или процесите на дијахронискиот развој и промени на македонскиот писмен јазик (14 - 19 век), овековечени во единствената и уникатна македонска ракописна и старопечатена оставина, а сочувана во најраритетните и највредни ракописни збирки во нашите, но и познатите светски библиотечно-архивски депòа.

Преглед на објавени и рецензирани научни трудови

Научни монографии

Речник на странски зборови и изрази од Јанаки Стрезов, втора половина на 19 век, Прилеп 2011, с. 270, рецензиран труд во фаза на објавување. Книгата произлегува како резултат од работата на истоимениот проект, одобрен од Министерството за култура- Скопје, во 2010 година. Текстот претставува извонреден лексикографски потфат на познатиот охридски преродбенски деец Јанаки Стрезов и со својата вредност, слободно може да се вгради во групата на македонски речници како Костурскиот речник (16 в.), Четиријазичникот на Даниил Москополец (18 в.), Двата речника на Ѓорѓија Пулевски (19 в.), Речникот на Панајот Ѓиновски (19 в.) итн. Во оваа непроценлива зборовна збирка во која е фиксиран дел од средновековното македонско лексичко милје, можеме да гледаме како на најран коинцидентен македонски модел на Современиот лексикон на странски зборови и изрази на Милан Вујаклија. Самиот речник претставува еден вид лексикон или толковен речник, пишуван на 224 страни, со вкупно 5277, азбучно наредени лексички единици, со етимолошка информативност кај повеќето од нив. Писмото е кириличен ракопис, современ курзив со многу збиени букви (на места до слаба расчитливост), а некаде и редови. Јазичната анализа на ракописот (фонетско-фонолошка и морфо-синтаксичка и лексичка) упати кон заклучокот дека јазикот е македонски, со дијалектна припадност на охридското говорно подрачје. Презентирањето и издавањето на ваквите текстови е со високовреднувачка оценка за македонистиката, посебно во истражувањата на историскиот развој на македонската лексикографија, како и во продлабочувањето на нашата перецепција за приливот и „одомаќинувањето“ на странските зборови и фрази или интернационализми, од времето на преродбенскиот 19 век, и нивното, евентуално, преадаптирање во македонскиот современ, литературен јазик.

Трескавечки грамоти, Прилеп 2010, с. 174, рецензиран труд во фаза на објавување. Монографијата произлегува од материјалот на одбранетиот магистерски труд Трескавечки грамоти - јазична анализа. Се однесува на едно значајно и досега нецолосно обработено прашање во проучувањето на црковнословенската писмена традиција - јазикот на дипломатско-правната граѓа, настаната на македонски терен, и во тој контекст посебно јазикот на Душановите даровни грамоти на манастирот Трескавец (од 1334 до 1345 година). Оригиналните изворни акти на грамотите, како и нивните истовремени преписи се уништени во пожарот што ја зафатил Белградската народна библиотека во 1941 г. и единствени сведоштва за нив сe изданијата на Ѓ.Даничиќ и Ст. Новаковиќ, направени во периодот од 1867- 1875 година, кои со мали реконструкции во текстот се преиздадени од страна на В.Мошин и Л.Славева, 1981, и врз нив е направена соодветнава анализа. Писмото е кириличен полуустав, со примеси од рашката правописна школа, доста интензивна во овој период. Јазикот е црковнословенски со нагласени елементи од српската варијанта, која „излегува“ од званична канцеларија каде се подготвуваат грамотите и го носат регуларниот кралски печат, но и со нагласено инфилтрирање на елементи од народниот македонски јазик, наметнати преку учеството на домашната говорна средина која вршела свое влијание преку манастирскиот концепт на грамотите или, пак, преку самото присуство во определувањето на меѓите. Од споменатиот аспект, оваа граѓа е не само интересна, но нејзината што покомплексна обработка би требало да биде предизвик на македонистите кои ја изучуваат историјата на македонскиот писмен јазик.

Зборник од поученија, македонски ракопис со грчко писмо, Прилеп 2008, с. 238. Монографијата претставува заокружување на работата врз докторската дисертација со истоимен наслов. Самиот текст (218 страни), кој нема званичен автор, претставува многу тешко расчитлив оригинален македонски ракопис со религиозно-поучителна содржина, пишуван со грчко курзивно писмо, во временски период од 1827 до 1830 година. Јазикот е чист македонски народен јазик, од западниот дијасистем, посебно периферната говорна сфера, а уште поконкретно, дебарско -мијачкиот говор, со доста примеси од Струшко и Охридско. Значајноста од обработката на овој ракопис е тесно поврзана со аспектот на историската дијалектологија, но и со прашањата кои се однесуваат на преодноста на црковнословенската јазична норма во современа, говорно - дијалектна норма, односно Зборникот е оригинален модел на функционално-диференцира употреба на два јазични системи: наднационалниот, црковнословенскиот (сега во многу помала мера) и националниот, македонскиот кој веќе успешно преовладува.

The Konikovo Gospel / Konikovsko evangelie / Bibl. Patr. Alex. 268, Editors: Jouko Lindstedt, Ljudmil Spasov, Juhani Nuorluoto / Редактори:Јоуко Линдстет, Људмил Спасов, Јухани Нуорлуото, Тammiisaari/Ekenäs 2008 // В. Крстеска со група автори: Љ. Спасов, М. Аргировски, М.Ч.Алексиќ, А.Ј. Улчар, Дијалектна транскрипција на македонскиот текст, с. 179 - 235. Книгата е резултат од работата на финско-македонскиот истражувачки проект, раководен од страна на проф. Јоуко Линдстет(од Универзитетот во Хелсинки) и проф. Људмил Спасов (од Универзитетот “Св.Кирил и Методиј”-Скопје), и таа претставува едно прекрaсно евангелие, печатено во 1852 или 1853 г. во Солун, пишувано во два столпца, на грчки и на македонски јазик , со грчко писмо, на 267 страни. Македонскиот превод е на македонски егејски говор, од долновардарски тип. Извонредно значаен ракопис, пред сè, како најран современ македонско- евангелиски текст, пишуван на месниот дијалект на авторот-преведувач (Ениџевардарскиот крај).

Научни трудови
Средновековните ракописи, дел од културната историја на манастирскиот комплекс Трескавец кај Прилеп, реферат презентиран на Вториот меѓународен научен симпозиум на тема Духовната и материјална култура во претхристијанскиот и христијанскиот период на територијата на Македонија, Самоков, 14 - 16. 09. 2011, предаден за печатење.

Македонски ракописи пишувани со грчко писмо, реферат презентиран на Тематската конференција со наслов Писма со кои се пишувал македонскиот јазик низ вековите, Прилеп 2011, предаден за печатење.

Приматот на народниот македонски јазик во писменоста од 19 век, реферат презентиран на Меѓународниот научен симпозиум по повод 30 години од основањето на Институтот за старословенска култура-Прилеп и 105 години од раѓањето на Јозеф Обрембски, Самоков , 15 -17. 09. 2010, предаден за печатење.

Околу Трескавечките грамоти, Balcanoslavica 37- 39, Институт за старословенска култура, Прилеп 2010, 107 - 116.

Заемните односи на украинската и македонската култура, посебно во ракописното наследство, Украïнсqкo-Македонсqкиј науковиј збирник, випуск 4 / Украинско-Македонски научен зборник, број 4, Националqна Академија Наук Украïни и Македонсqка Академија Наук и Мистецтв / Национална академија на науките на Украјина и Македонската академија на науките и уметностите, Киïв 2009 / Киев 2009 (Прилози од Меѓународната конференција за македонско-украинските врски, одржана во Крушево 2007 g.), 1-17.

Слоевитоста на вокабуларот како и карактеристичните дијалектни црти во песните на Марко Цепенков за кралот Марко, реферат презентиран на културната манифестација Прилеп град на културата 2007 / Денови на Крали Марко, 18.05.2007, 1-10.

Македонски текстови со грчко писмo, со посебен осврт на Зборникот од поученија, Balcanoslavica 34 – 36, Институт за старословенска кулура, Прилеп (2004 – 2006), 22-38.

Историска читанка, македонски јазик, охридски говор од II половина на XIX век ( Опис на текст кој содржи 171 страница, расчитан, јазично анализиран и одреден дијалектниот статус.) // М. Георгиевски, Словенски ракописи во Македонија, кн.VII-VIII, ИСК-Прилеп, НУБ „Св. Климент Охридски” -Скопје, Скопје 2000, 86-87,

За претпоставките околу можноста св. Наум Охридски како можен автор на трактатот „О писменех”, Развиток 1-2, Битола 1997, 47-55.

Лидија Славева-Владимир Мошин, Српски грамоти од Душаново време, ИСК-Прилеп 1988, Balcanoslavica 13-15, Прилеп 1996, 121-123 (приказ).

Михајло Георгиевски, Словенски ракописи во Македонија, кн.V-VI, ИСК-Прилеп/НУБ „Св.Климент Охридски” -Скопје 1993, Balcanoslavica 13-15, Прилеп 1996, 153-154 (приказ).

Учество во научноистражувачки проекти и постигнувања во примена на научноистражувачки резултати:

1989-1992 ”Етногенеза на Јужните Словени со посебен акцент на етногенезата на македонскиот народ” , под раководство на д-р Бошко Бабиќ и д-р Лидија Славева. Ова е макро научноистражувачки проект во чии рамки се реализира, покрај другите, и микро научноистражувачкиот проект „Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија” во кој свое учество има и Крстеска со звање стручен соработник. Работи на:1. ексцерпција на лексички единици од сферата на материјалната средновековна култура, од тритомното издание на Ѓура Даничиќ - Рјечник из књижевних старина српских издаден во 1863 година. Ексцерпирани се над 450 лексички единици, на картони кои се наоѓаат во картотеката на лингвистичкото одделение. 2. ексцерпција на топономастички материјал односно на топонимите од текстот на Трескавечките грамоти, издаден во реконструирана верзија во четвртиот том на едицијата Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија, 1981 година. Извадени се 187 топономастички единици кои се останати во Институтот. 3.Ексцерпција на членови од Законикот на цар Стефан Душан, кн.1, 1975 и кн. 2,1981 г., кои се однесуваат на физичките казни на осудените лица. Овој ескцерпиран материјал, според целите и задачите на раководителите на споменатите проекти, бил предвиден да биде искористен во целокупниот истражувачки материјал за осознавање на материјалните и духовни состојби како и културно- историските прилики за време на српското владеење во Македонија. Во овој проект работи и врз превод на научни трудови(од српски на македонски) од соработници на Институтот (меѓу другите, е и преводот на монографијата на д-р Р.Петровиќ ”Крстови-енколпиони на тлото на Македонија”, со вкупно 877 страници).

1992-2004 „Книжевно, културно-историско наследство на Македонија”, главен истражувач, д-р Михајло Георгиевски . Во овој проект Крстеска најпрво работи како помлад асистент (1992-1996 г.), а потоа и како асистент-истражувач (1996-2006г.). Научноистражувачката работа во овој Проект го опфаќа научниот опис, односно расчитување, компјутеризација и јазична анализа на македонски средновековни текстови кои хронолошки го зафаќаат периодот од 14 до 19 век, а територијално Македонија. Преку студиозната јазична анализа таа доаѓа до дефинирање на провениенцијата, односно редакцијата на ракописот, како и откривање на неговата дијалектна обоеност. Ракописите, содржински, припаѓаат на повеќе средновековни книжевни жанрови, а тематски се од световен карактер. Обработени се комплексот лекарственици, пронајдени на македонско тло (подолу наведени), како и објавениот Опис на ракописот со книжевно-историска содржина Историска читанка, од вт. пол. на 19 век, со 171 страница. Содржински се работи за еден вид книжевно-историска читанка, во која преку наративен метод на изнесување на историски настани, доживувања и случки на познати историски личности: императори, кнезови, цареви, папи итн. непознатиот автор дава историски податоци за тоа време, како и податоци за моралниот и политички лик на овие неприкосновени луѓе од минатото.

Комплетно обработените ракописи во овој Проект, с` уште необјавени, се наоѓаат во Одделението за лингвистика, и тие се следните:

  1. Лекарственик на Ангел Георгиевич од село Пиперово, Струмичко,крај на 19 век, ракопис пишуван со полуунцијално писмо, 33 листа со 88 рецепти за лечење.
  2. Лекарственик, македонски јазик, галички дијалект, крај на 19 век, ракопис со немарен полуустав, 81 лист со 77 рецепти за лечење.
  3. Лекарственик по потекло од с. Лазарополе, втора половина на 19 век, ракопис пишуван со ситен полуустав,45 листа со 70 рецепти за лечење.
  4. Зборник на народни лекови од кр. на 19 век, ракопис пишуван со писмо од печатен тип, 149 листа со 139 рецепти за лечење.
  5. Лекарственик од почетокот на 19 век, ракопис пишуван со тешкочитлив, ситен и многу збиен брзопис, 17листа со 142 рецепти за лечење.
  6. Рецепти за правење на лекови, собрани и напишани од свештеникот Јоанаки од 1884 г., ракопис со курзивно и полууставно писмо, 40 листа со 97 рецепти за лечење.

2006-2007 „Кониковско евангелие”- меѓународен финско-македонски проект, со гл. истражувачи проф. Јоуко Линдстед и проф. Људмил Спасов. Во овој проект д-р Крстеска е дел од екипата (д-р Љ.Спасов, д-р М.Аргировски, д-р Е.Ј.Улчар, м-р М.Ч.Алексиќ) која работи на основната кирилска транскрипција на првата рака на Кониковското евангелие. Овој извонредно значаен новопронајден (прв кој известува за него е финецот Мика Хакарајнен, во 2003 година, претходно науката знаеше само за неколку листови) двојазичен ракопис (грчки и македонски, а целосно грчко писмо) претставува најстар познат современ македонско евангелиски текст од поголем обем којшто непосредно ги претставува живите говори во јужна Македонија. Со учеството во овој Проект, Крстеска ги прошири своите видувања од тематската категорија - македонски текстови пишувани со грчки алфабет.

Како самостоен истражувач, Крстеска работи на следните проекти:

2004 - 2006 „Писмени споменици за средновековната култура на Македонија”. Главен истражувач во првите две години е д-р Љупчо Митревски, а последната 2006 г. главен истражувач е д-р Виолета Крстеска. Најпрво како соработник-истражувач, а потоа и како главен истражувач во овој проект, работејќи врз дел од македонското пишано наследство, таа тематски се вклопува во претходните истражувања на проектот кој успешно функционираше повеќе од 10 години.Така, продолжувајќи ја неговата идејна компонента (последен изработен ракопис од овој проект е Трескавечкиот еухологиј кој е објавен), Крстеска, конкретно, се зафати со проучување на т.н. службеноправен јазик на кој се пишувани грамотите (4) на Стефан Душан за манастирот Трескавец или Трескавечките грамоти.

2009 - 2012 „Средновековната книжевна продукција на манастирскиот комплекс Трескавец кај Прилеп“ Проектот е одобрен од Министерството за образование и наука - Скопје, а се однесува на истражување и обработка на дел од познатата ракописна збирка (8 ракописи), кои се пишувани или настанати во манастирскиот комплекс Трескавец, во период од два века, 14 - 16, а денес го сочинуваат најскапоцениот дел од словенскиот ракописен фонд во библиотеката при Јагелонскиот универзитет во Краков, Р Полска.

2008 - 2009 „Ракописни и старопечатени книги во Прилеп и Прилепско, во периодот од 14 до крајот на 19 век“ Овој едногодишен Проект е одобрен од Министерството за култура - Скопје и во рамките на работната програма која, главно, се однесува на реализација на теренски истражувања во Прилепската околија, со цел, да се евидентира состојбата со останатите пишани споменици во црквите и манастирите по прилепските села, се констатира дека се уште има останато старопечатен религиозно-црковен материјал, претежно пишуван на црковнословенски јазик, руска редакција, со временски распон од 18-тиот и скоро целиот 19 век. Најдени се и неколку раритетни ракописи од поран период (16 -18 век), и тоа, претежно, во мариовските стари цркви, а исто така и во с,Ореовец (во црквата Св.Димитрија има стар Месецослов од 1767, печатен во Москва), како и Ропотово каде во црквата Св.Тројца се наоѓа многу стар руски Триод, печатен во Москва во 1557 година, а има и интересни записи во неа, итн.итн. Вкупниот број на инвентаризирани стари книги изнесува 140.

2009 - 2010 „Речник на странски зборови и изрази од Јанаки Стрезов, втора половина на 19 век“ - едногодишен Проект одобрен од Министерството за култура – Скопје. Овој богат и уникатен глосар (5277 единици) од периодот на македонското преродбенство, многу значаен со својата лексичко-етимолошка вредност, со истражувачкиот осврт на Крстеска го најде своето заслужено место во групата на обработени средновековни, македонски пишани споменици.

Научноистражувачка работа и престој во странство

Во рамките на базичната програма за успешно остварување на целите и задачите од работата на проектите, една од етапите покрива и наужноистражувачката дејност во странство која ги опфаќа посетите на Крстеска во:

Р Бугарија:

20.11. - 01.12.2006. Со овој престој во Софија, Крстеска воспостави доста успешни контакти со тамошните колеги од сродни институции (ја обнови некогашната соработка на лингвистичкото одделение од Институтот со Кирилометодиевскиот научен центар преку средбите и разговорите со директорката проф. Сфетлина Николова), го посети и работеше во Црковниот историско архивен институт кој изобилува со значајни стари книги каде што, меѓу другите ракописи, посебен интерес и привлече ракописот од 1827 г. насловен како Слово за апостол Тома, пишуван на бугарски јазик со грчки букви, а кој и послужи како споредбен материјал во нејзините проучувања на македонските ракописи пишувани со грчко писмо а македонски јазик. Исто така, работејќи врз правно -историската граѓа настаната во Македонија, при нејзината посета и работа во библиотеката на БАН – Софија, посебно обрна внимание на познатите Ватопедска и Зографска грамота и Номоканонот на Матеј Властар (средина на 14 век), кој некогаш припаѓал на библиотеката при црквата „Св.Богородица“ во Охрид.

07.12. – 16.12.2011 И со оваа научноиструвачка посета на сродните институции во Софија , Крстеска ги збогати своите спознавања од областа на нејзините матични изучувања врз областа на историјата на македонскиот писмен јазик, користејќи споредбен материјал достапен за работа во тамошните библиотеки, меѓу другото, како:Минејот за месец февруари, од 1798 г. кој има записи на македонски јазик на одредени страници, а на с.148 има информативен запис, пишуван со курзивно писмо во кој има податоци за Стојан Петков од селото Крапа, како и за тоа дека е пишуван во манастирот во Зрзе. Значи, ракописот е македонски, потоа, во Народната библиотека „ Св. Кирил и Методиј“: Трескавечкиот стихуван пролог од 16 век (за март-август)-прекрасен македонски средновековен ракопис, итн.итн.

Р Србија

23. 03. –29.03.2008 Во рамките на меѓуинститутската соработка реализирани се солидни услови за нејзин континуитет, посебно со Институтот за српски јазик, како и со Одделението за јазик и книжевност при САНУ во Белград. Исконтактирани се и колегите од Балканолошкиот институт, Универзитетската библиотека, Народната библиотека итн.итн. Направена е и размена на обострани најнови изданија. Во овие истражувања спаѓа и посетата на Филозофскиот факултет во Нови Сад, односно Одделот за српски јазик и лингвистика, каде колегите работат врз јазични изучувања на документарно-историската граѓа од средновековниот период, посебно на грамотите или повелбите на кои, дел од својата работа, им посвети и Крстеска.

Р Полска

10.01 – 22.01.2013 При оваа научноистражувачка посета, поврзана со проектот Средновековната книжевна продукција на манастирскиот комплекс Трескавец кај Прилеп, се изврши директен увид на трескавечката ракописна збирка која се наоѓа во Библиотеката при Јагелонскиот универзитет во Краков, односно Крстеска имаше можност да поработи врз тие материјали, а и да се договори за нивно добивање, т.е. купување, со што институтската ракописна збирка би се збогатила со највисоковреднувани и уникатни македонски ракописи.

Рецензии:

Зборовите се забораваат, напишаното останува, (монографија), Прилеп 2010.

За промените во консонантскиот систем во Слоештичкиот патерик, изворен научен труд, Хоризонти, бр. 10, Битола 2013

Средновековната духовна и книжевна традиција во Поречието (публикација) „105 години од раѓањето на Јозеф Обрембски“, Прилеп 2013.

Јозеф Обрембски како структуралист и функционалист (публикација) „105 години од раѓањето на Јозеф Обрембски“, Прилеп 2013.

Предавања

17.01.2013 Институт за славистика при Универзитетот „Адам Мицкиевич“ во Познањ, Р Полска, на тема: Палеографијата како наука врз глаголски и кирилски примери.