БИБЛИОТЕКА

Во Институтот за старословенска култура – Прилеп, покрај соодветните Одделенија и нивните научноистражувачки проекти, функционира и Библиотеката како специјализирана стручна единица. Формирана е со самото основање на Институтот, 1980 година. Книжниот фонд кој е тематски ориентиран кон научните области на Одделенијата (археологија, лингвистика, историја, историја на уметност, етнологија), се состои од вкупно 7668 монографски изданија и 9436 периодични изданија или вкупно 17104 примероци на домашна и странска литература. Во доменот на периодиката сигнирани се околу 400 наслови од кои, поголем дел од нив, се добиени по пат на домашна и странска меѓубиблиотечна размена.

Слободно може да се каже дека според богатата и уникатна литература што ја поседува Библиотеката од наведените науки, како и според периодот на кој припаѓа (стар век, ран среден век, византиски период, доцен среден век) е единствена од тој вид во македонски рамки, а меѓу првите, пошироко, во балкански рамки. Збирката на стари печатени книги со религиозно-поучна тематика од подоцниот црковнословенски период (XVII-XIX век) што Библиотеката ја има во својот фонд е уште еден од нејзините приоритети кои ја прават неа да биде во рангот на најдобрите специјализирани библиотеки во Македонија.

Библиотеката иако е од затворен тип сепак нејзиниот фонд можат да го користат соодветни стручни и научни лица, како и други интересенти за клутурно-историското милје на Македонија, на Балканот и на светот, воопшто.