ОДДЕЛЕНИЕ ЗА АРХЕОЛОГИЈА

Археолошкото одделение е формирано со самото оснoвање на Институтот за старословенска култура во 1980 година како стожерен сегмент на институцијата. Така, во организационен поглед, археолошкото одделение при ЈНУ Институт за старословенска култура - Прилеп најдиректно се надоврзува на Центарот за истражување на старословенската култура од Прилеп, кој од своја страна произлегува од средновековното одделение на Народниот музеј во Прилеп. Ваквата генеза условила резултатите од археолошките истражувања во рамките на овие институции во периодот од 1955 до 1979 година да бидат целосно вградени во новоформираниот Институтот за старословенска култура - Прилеп.

Главен предмет на истражување, како впрочем и на археологијата како наука воопшто, е севкупноста на материјалните остатоци од минатото, а во согласност со усвоенато научно поле и области, примарен предмет на проучување се материјалните остатоци од доцната антика и средновековието. Оттаму во рамките на археолошкото одделение при ЈНУ Институтот за старословенска култура - Прилеп  се работи на откривање, документирање, научно истражување, културно-хронолошко детерминирање и научна интерпретација примарно на материјалните остатоци кои се поврзувaaт со времето од средината на IV до крајот на XIV век. 

Непосреден предмет на досегашната научно истражувачка дејност во рамките на одделението за археологија, детерминиран од реализираните проекти во периодот од 1980 до 2009 година, се средновековните населби врз примерот на Прилеп; генезата на раносредновековните населби илустрирана врз сознанијата од истражувањата на материјалните остатоци од локалитетот Градиште, с. Дебреште; општи карактеристики на материјалната култура на македонските Словени; развитокот на населбите и некрополите од територијата на Република Македонија; доцноатничката и средновековната материјална култура во регионот Мариово; првите старохристијански и словенски центри во Македонија; убикација на средновековниот град Битола; развитокот на доцноантичките и средновековните населби во северна Пелагонаија; старохристијанскиот црковен центар и на него најнепосредно надоврзана средновековна монашка населба во рамките на културниот комплекс Св. Преображение, с. Зрзе и др.

Како резултат на обемната научноистражувачка активност во рамките на одделението за археологија, покрај големиот број монографски студии и научни прилози, оформен е исклучителен фонд на изворни археолошки материјали (движни наоди, теренска документација и др.), како основ за идните по продлабочени проучувања во рамките на институцијата.